Во рамки на Клиниката за гастроентерохепатологија беше пуштен во функција нов Центар за болести на црн дроб кој е опремен со најсовремени апарати за дијагностика и третман.
Проф. д-р Калина Гривчева Старделова, директорка на Клиниката, појасни дека овој центар е составен од повеќе делови и се осврна на придобивките за пациентите.
„Овие инвестиции се значајни за сите пациенти на оваа Клиника бидејќи овозможуваат навремена дијагностика на заболувањата, особено на малигните заболувања, што значи навремено излекување и спасување човечки животи “, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.
Центарот е опремен со најсовремени медицинските апарати, фиброскен и ехо апарат со еластографија, кои ќе се користи за подготовка на пациенти за трансплантација на црн дроб, за нивно постоперативно следење, како и за унапредување на дијагностиката на карциноми и други состојби на црниот дроб.
Новата опрема која е набавена на Клиниката за гастроентерохепатологија, опфаќа и видео процесор со два колоноскопа со вештачка интелигенција и ПАКС систем за скрининг програмата за карцином на дебелото црево.
Со оваа опрема клиниката станува дел од програмата за скринингот со која ќе бидат опфатени 36.000 граѓани од 50 до 74 години, кои имаат ризик фактори, како што се заболени од карцином во семејството или чувствуваат тегоби со дебелото црево.
На настанот присуствуваше и министерот за здравство Фатмир Меџити, кој истакна дека инвестициите во здравствениот систем се инвестиции во здрави идни генерации.