Учество на македонски лекари на конгресот „Dilemmas and Controversies in Internal Medicine“ во Сокобања, Србија

04/07/2026 - 10:44

Во периодот од 27 до 29 март 2026 година, во Сокобања, Србија, се одржа меѓународниот конгрес „Dilemmas and Controversies in Internal Medicine“, во организација на Medcompass Alliance. Настанот претставува значајна платформа за размена на знаења и дискусија за современи дилеми и терапевтски пристапи во интерната медицина.

Во рамки на сесијата „State of the Art“, посветена на гастроентерологија, хепатологија и онкологија, активно учество земаа и претставници од Македонија. Проф. д-р Дафина Николова одржа предавање на тема „IBD up-to-date“, во кое беа презентирани најновите пристапи во дијагностика и третман на инфламаторните болести на цревата.

Покрај неа, д-р Емилија Николoвска-Трпчевска учествуваше како предавач со тема „Diagnostic and Therapeutic importance of EUS“, при што беше истакнато значењето на ендоскопскиот ултразвук во современата гастроентеролошка пракса, како дијагностичка и терапевтска алатка.

Дополнително, на конгресот присуствуваа и млади лекари од Македонија, кои имаа можност да се запознаат со најновите клинички препораки, да разменат искуства со колеги од регионот и да учествуваат во дискусии поврзани со секојдневната клиничка пракса.

Овој конгрес уште еднаш ја потенцира важноста на континуираната медицинска едукација и регионалната соработка, особено во област како гастроентерологијата, каде развојот на нови дијагностички и терапевтски методи значително ги проширува можностите за третман на пациентите.

Галерија