Претставници на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија учествуваа на Вториот мултидисциплинарен симпозиум за обезност со меѓународно учество, во организација на Научното здружение за обезност ОБЕМ и Универзитетската клиника за ендокринологија.
Во рамки на панел-дискусиите, проф. д-р Мери Трајковска учествуваше како панелист на темата „Обезност и компликации“, додека проф. д-р Владимир Андреевски учествуваше во дискусијата „Обезност и баријатрична хирургија – мултидисциплинарен пристап“, заедно со експерти од различни области .
Симпозиумот беше организиран како мултидисциплинарна платформа за размена на знаења и искуства, имајќи предвид дека обезноста претставува комплексна хронична болест поврзана со голем број придружни состојби .
На настанот присуствуваа и претседателот од НЗО - ОБЕМ/ Директорот на УК за Ендокринологија, проф. д-р Ирфан Ахмети, министерот за здравство Азир Алиу, директорот на Клиниката за дигестивна хирургија Огнен Костовски, како и шефот на канцеларијата на Светската здравствена организација, Аким Али.
Во рамки на симпозиумот беше потенцирана потребата од подигнување на јавната свест за обезноста, како и значењето на превентивниот пристап и меѓусекторската соработка во справувањето со овој значаен јавно-здравствен предизвик.
Овие активности имаат директно значење за пациентите, бидејќи придонесуваат кон унапредување на знаењето и клиничката пракса, подобра рана детекција и современ пристап во третманот на обезноста и нејзините компликации.
Ова учество претставува дел од континуираните активности на Клиниката за гастроентерохепатологија за следење на современите трендови и активно вклучување во научни и стручни настани од значење за унапредување на здравствената грижа.