Клиниката за гастроентерохепатологија доби Сертификат за членство во EASL - CLIF Конзорциум

12.07.2023
Сертификат за членство во EASL-CLIF Конзорциум

Клиниката за гастроентерохепатологија стана член на Конзорциум на Европската асоцијација за проучување на хронична црнодробна инсуфициенција (EASL-CLIF) чии активности се насочени кон продлабочување на научните истражувања за хронична црнодробна слабост. Со ова клиниката станува еден од 100-те референтни центри за проучување на хроничната црнодробна слабост кои се лоцирани во 26 европски држави. Активности во рамките на Конзорциумот имаат крајна цел подобрување на квалитетот на живот и зголемување на преживувањето на пациентите со цироза на црн дроб.


За добивање на овој Сертификат за членство апликацијата беше поднесена минатата година.


Добивањето на сертификатот е потврда за низата активности кои беа преземени за унапредување на дијагностиката и третманот на болестите на црниот дроб кои ги направивме во изминатиот период. Ова исто така е доказ за високата стручност и посветеност на нашите доктори и истражувачи, кои се рамо до рамо со европските колеги. На крајот најголема придобивка секако имаат пациентите преку продолжување на нивниот живот и подобрување на неговиот квалитет, и покрај тоа што имаат тешко заболување

 - истакнува проф. д-р Калина Гривчева Старделова, директор на Клиниката на гастроентерохепатологија.


Сознанијата кои се добиваат во различните научни центри доведуваат до заедничко идентификување, карактеризирање и воспоставување на дијагностички критериуми, како и дизајнирање на нов начин за разбирање на механизмите на хронична црнодробна слабост, која се смета за главна причина за смрт од цироза.


Минатиот месец на Клиниката за гастроентерохепатологија беше отворен и посебен Центар за болести на црн дроб. Центарот е комплетно опремена со медицинска опрема и апарати, меѓу кои фиброскен и ехо апарат со еластографија, кои се особено значајни за прецизна и навремена дијагностика на различни заболувања на црниот дроб.


Во март годинава заврши и темелно реновирање на едниот кат на Клиниката, со што пациентите и вработените добија модерен простор кој целосно ги задоволува највисоките стандарди за медицински третман и нега.