Уметноста внесува топлина во Клиниката за гастроентерохепатологија

06.04.2026

Клиниката за гастроентерохепатологија доби значајна донација од уметнички дела, со што дополнително се унапреди и разубави болничкиот простор. Станува збор за околу 30 дела, донирани од реномирани, но и млади уметници, кои преку својата креативност дадоа вреден придонес за подобрување на амбиентот во установата.

Целта на оваа донација е создавање попријатна, потопла и поинспиративна средина за пациентите и медицинскиот персонал, што има значајна улога во процесот на лекување и секојдневниот престој во Клиниката. Уметничките дела веќе се поставуваат во повеќе простории, внесувајќи боја, енергија и позитивна атмосфера.

Меѓу донаторите се: Данчо Ордев, Гоце Божурски, Игор Мишев, Томе Мишев, Дејан Иванов Маргуш, Стефан Хаџи-Николов, Боро Арсовски, Марјан Стојаноски, м-р Емилија Тоциновска, д-р Стојче Тоциновски, Горан Боев, Павле Кузманоски, Невзат Кица, Решат Амети, Владимир Темков, Бурхан Ахмети, Здружението за уметност и култура „СИЛИНДАРТ“ од Гостивар, Акиме Насуфи Реџепи, Дренуша Пашоли, Ванеса Ода, Лида Шарафатманд, Владимир Лазоски, Тасим Кадрија, Ардиан Кадрија, Имран Зимери, Џоко Антониев и Дејан Божиновски Коска.

На примопредавањето на делата, директорката на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, проф. д-р Мери Трајковска, истакна дека идејата била да се вклучат што поголем број уметници со цел да се оплемени болничкиот простор. Таа нагласи дека уметноста, хуманоста и медицината се длабоко поврзани и заедно придонесуваат кон подобра грижа за пациентите.

Организаторот на настанот, Сабри Азири, упати благодарност до сите уметници и поддржувачи, посочувајќи дека ваквите иницијативи имаат значајна улога во поттикнување на хуманоста и зајакнување на заедништвото во општеството.

Галерија