На Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија – Скопје, за првпат во државата успешно беа изведени напредни ендоскопски интервенции, со што се воведуваат нови стандарди во минимално инвазивниот третман.
Со воведувањето на LAMS (Lumen-Apposing Metal Stent) се овозможува внатрешна дренажа, без потреба од хируршка интервенција. SpyGlass™ системот за директна визуализација овозможува директен увид, таргетирана биопсија и третман на комплексни билијарни состојби, додека електрохидрауличната литотрипсија (EHL) во комбинација со SpyGlass™ овозможува третман на големи и комплексни билијарни камења кои инаку се тешко достапни за стандардни процедури.
Овие процедури беа изведени под стручно менторство на Petko Karagyozov и Hristo Dobroslavov Dobrev, чија поддршка беше од клучно значење за успешната имплементација и пренос на знаење.
Во реализацијата учествуваа проф. д-р Мери Трајковска, д-р Емилија Николовска, проф. д-р Владимир Андреевски, д-р Елена Цуракова, проф. д-р Ѓорѓи Дерибан и проф. д-р Дафина Николова, д-р Анче Волкановска, д-р Горан Стефановски заедно со тимот на медицински сестри, лекари и професори од Клиниката.
Целиот ERCP тим успешно и самостојно изврши поставување на LAMS стентови, што претставува значаен чекор во зајакнувањето на локалната експертиза.
Посебна благодарност се упатува до медицинските сестри и техничкиот персонал, чија посветеност и прецизност се од суштинско значење за успешната реализација на овие процедури, како и до целиот тим на Клиниката, предводен од проф. д-р Мери Трајковска.
Ова достигнување е резултат на соработката помеѓу PROMEDIKA, Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија – Скопје и Boston Scientific, со значајна поддршка од Metehan Karamollaoğlu.
Со воведувањето на овие методи се зголемуваат терапевтските можности и се поставуваат нови стандарди во ендоскопската пракса во Северна Македонија.