На 3 април 2026 година, во Скопје се одржа стручен едукативен настан посветен на современите аспекти на заболувањата на црниот дроб, во организација на компанијата Салвео, на кој присуствуваа гастроентерохепатолози и интернисти од земјата.
Во рамки на програмата „Врати го животот на вистинскиот пат“, научен соработник д-р Анче Волкановска од ЈЗУ Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија одржа предавање на тема „Хепатална енцефалопатија – препознавање и лекување“, при што беа презентирани современите препораки за дијагноза, третман и следење на пациентите со оваа значајна компликација на хроничните заболувања на црниот дроб.
На настанот предавање одржа и проф. д-р Миодраг Крстиќ од Универзитетскиот клинички центар на Србија, Белград, на тема „MASLD, NAFLD: има ли разлика и како тоа да се лекува“, додека модератор на стручната програма беше проф. д-р Петар Сворцан од КБЦ Звездара, Белград.
Настанот овозможи размена на стручни искуства и дискусија за актуелните предизвици во хепатологијата, придонесувајќи кон континуираната медицинска едукација и унапредувањето на клиничката практика.