Денеска на Клиниката за гастроентерохепатологија се одбележа завршување на реновирањето на првиот кат, што практично опфаќа половина од просторот со кој располага оваа здравствена установа. Со проектот за реконструкција комплетно се обновени одделите за интензивна и полуинтензивна нега, каде се лекуваат пациентите во најкомплексна здравствена состојба, кабинетите за дијагностички процедури, работните простории за здравствениот персонал. Ова е прво темелно реновирање на овој простор откако е изграден објектот на Интерните клиники, пред околу од шеесетина години.
„Голема е радоста да кажеме дека нашите драги пациенти и здравствениот персонал кој е дел од оваа клиника добиваат модерен простор кој целосно ги задоволува највисоките стандарди за медицински третман и нега. Сакам да истакнам и дека ова немаше да може да се реализира без голема поддршка на Амбасадата на САД во нашата земја, амбасадорката Анџела Прајс Агелер и би го поздравила и почитуван Хозе Фернандез кој ни даде важна логистичка поддршка во реализација на проектните активности. Со поддршката која ја добивме во висина од 400.000 долари, првиот кат од Клиниката се реновираше буквално од корен. Се постави комплетно нова водоводна и електрична инсталација, систем за централна вентилација, нови подови, плочки, комплетно се реновираа болничките соби, се обезбедија нови кревети и мебел, се постави систем за 24-часовен централен надзор и мониторинг на сите витални параметри на хоспитализирани пациенти, кварцни ламби, комплетно се реновираше и работниот простор за медицинскиот персонал. Посебна благодарност сакаме да искажеме и за професионалниот пристап во работата и квалитетната услуга која ја испорача главниот изведувач на градежните работи компанијата ДОТ Архитекти Груп“, истакна директорката на Клиниката, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.
На настанот присуствуваа и министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, како и амбасадорката на САД, Ангела Агелер кои имаа свои пригодни обраќања.
Во реновирањето поддршка дадоа и Министерството за здравство, како и неколку приватни компании со висока свест за општествена одговорност, ЕВН Македонија, Алкалоид, Царсо, Кук Македонија.
Пред четири години беше реновиран и вториот кат на Клиниката so што се означува комплетно завршување на еден процес што креираше најсовремени услови за работа што одговараат за терцијарна здравствена установа, која е единствена од овој вид во нашата земја.
„Клиниката за гастроентерохепатологија е доказ дека кога се сака се може, со заеднички пристап и меѓусебна поддршка на сите вработени, лекари, медицински сестри, болничари, административен персонал, сите поединечно со својот личен професионален придонес го создаваат успехот на кој сме горди. Денеска заокружуваме еден циклус, со планови за совладување на нови предизвици“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.