Одбележување на 28 Јули - Светскиот ден за борба против хепатитот

28.07.2023
Одбележување на 28 Јули - Светскиот ден за борба против хепатитот

Клиниката за гастроентерохепатологија се вклучи во активностите кои во соработка со здружението “Хепар Центар” - Битола се организираат по повод одбележување на 28 Јули - Светскиот ден за борба против хепатитот. Лекарските тимови на Клиниката денеска вршеа превентивни прегледи на црниот дроб во центарот на Скопје, со цел рано откривање на најразлични заболувања на овој витален орган кој, за да го одржува човечкиот организам во живот, тивко извршува над 500 витални функции секој ден. На денешниот настан прегледите на голем број заинтересирани пациенти ги вршеше д-р Филип Николов, а изјави за медиумите дадоа директорката на Клиниката, проф. д-р Калина Гривчева Старделова и доц. д-р Бети Тодорова, раководител на Центарот за болести на црн дроб.

„Заедно со нашите пациенти и со поддршка на Фондот за здравство и Министерството за здравство е обезбедена терапија за вкупно 63 пациентите со хепатит Ц што е особено важно, бидејќи со тоа се спречува развој на карцином на црн дроб. Во поглед на рано откривање и превенција, на Клиниката е отворен Центар за болести на црниот дроб којшто е опремен со најсовремени дијагностички апарати“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.


Доц. д-р Бети Тодорова појасни дека Центарот е опремен со најсовремен апарат еластограф, со кој се откриваат промени на црниот дроб, а се изведуваат и најсовремени анализа за рана детекција на различни заболувања. 

Докторите од Клиниката за гастроентерохепатологија ќе бидат дел и од превентивните прегледи што ќе се вршат и во други градови Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Струмица и Штип во соработка со здружението “Хепар Центар” - Битола. Прегледите се изведуваат во  амбулантно возило од Ургентниот центар, опремено со тестови за тестирање на хепатитот Б, Ц и ХИВ и се врши и еластографија, неинвазивна дијагностика базирана на ултразвук која се користи за мерење на лузни - оштетувања на црниот дроб или фиброза предизвикани од најразлични заболувања. Оваа иницијатива овозможува да се стигне до поголем број луѓе и да се препознае заболувањето на хепатитот во рана фаза, што е од суштинска важност за успешното лекување и спречување на развој на други заболувања на црниот дроб.

Учество на денешниот настан зедоа и министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, проф. д-р Светозар Антовиќ кој е дел од тимот за трансплантација на црн дроб од Клиниката за дигестивни болести, како и претставници на Клиниката за инфективни заболувања, Клиниката за онкологија и Клиниката за радиологија.
Светската здравствена организација оваа година Светскиот ден за борба против хепатитот го одбележува под мотото „Имаме само еден живот и само еден црн дроб. Хепатитот може да ги уништи и двете“.

Намалувањето на консумација на алкохол, постигнување на здрава телесна тежина, лекувањето на хипертензијата и управувањето со дијабетесот се клучни фактори за одржување на здрав црн дроб.

Во светски рамки се проценува дека вирусен хепатит сè уште убива над милион луѓе секоја година, а се регистрираат три милиони нови инфекции. Со хронична вирусна инфекција со хепатит живеат 350 милиони луѓе во светот, додека секој ден од хепатит умираат 3.000 луѓе. Тоа е една смрт од хепатит на секои триесет секунди. Секој ден се јавуваат над 8.000 нови инфекции со хепатит Б и Ц што е над пет инфекции секоја минута. Доколку продолжи сегашната траекторија, до 2040 година вирусниот хепатит ќе убива повеќе луѓе годишно отколку маларијата, туберкулозата и ХИВ/СИДА заедно.
 

Галерија